Помош на суд

Help at court - Macedonian (македонски)

Постојат многу начини да добиете помош на суд. Legal Aid NSW (Служба за правна помош на Нов Јужен Велс) испраќа адвокати по службена должност до сите локални судови и многу други судови и трибунали низ Нов Јужен Велс. Адвокатите по службена должност им помагаат на луѓето кои имаат предмет на суд тој ден, а кои немаат свој адвокат.

Адвокатите по службена должност или работат за Legal Aid NSW или се приватни адвокати платени од Legal Aid NSW за да ви помогнат. Можете да проверите каде се достапни на нашата веб-страница Help at NSW courts and tribunals (Помош во судовите и трибуналите во Нов Јужен Велс).

Најдобро е да добиете правна помош пред да одите на суд. Повикајте го нашиот тим во LawAccess NSW (Служба на Нов Јужен Велс за правни совети и упатување) на 1300 888 529 или кликнете на копчето ‘chat’ („разговарајте со нас“) за да разговарате со тимот преку веб-разговор.

Адвокати по службена должност

Помош во локалните судови во Bankstown, Blacktown, Penrith, Mount Druitt и Sutherland

Дали имате кривичен предмет во:

  • Локалниот суд во Bankstown
  • Локалниот суд во Blacktown
  • Локалниот суд во Mt Druitt
  • Локалниот суд во Penrith, или
  • Локалниот суд во Sutherland?

Постои лесен начин да побарате правна помош од адвокат по службена должност – едноставно пополнете го нашиот онлајн формулар. Формуларот е краток, лесен за користење и може да се поднесе во секое време. Откако ќе го поднесете, член од персоналот на Legal Aid NSW ќе ви се јави.

Ако не го знаете вашиот број „H“, внесете H0000 кога ќе биде побарано. Формуларот може да се користи само за судовите наведени погоре.

Секој може да му се обрати на адвокатот по службена должност за ограничена помош на денот кога нивниот случај е на суд.

Ако вашиот случај е покомплициран, адвокатот по службена должност можеби ќе може да ви помогне да побарате одложување. Ова ќе го одложи вашиот случај до подоцнежен датум за да можете да добиете правен совет или застапување. Можете да дознаете повеќе на нашата веб-страница за правни совети.

Има ограничувања за тоа што адвокатот по службена должност може да направи за вас. Адвокатот по службена должност може:

  • да ви даде совет за вашиот случај
  • да ви објасни што може да се случи на суд
  • да ви помогне да побарате одложување за да го одложите вашиот случај за подоцнежен датум за да имате време да добиете правен совет
  • да разговара со судот/трибуналот или други странки во ваше име
  • да ви помогне со вашите судски документи или итни судски поднесоци или
  • да ве застапува на суд.

Во случаи поврзани со семејното право, адвокатите по службена должност исто така може да ви помогнат со итни проблеми поврзани со семејното право - како на пример ако вашиот поранешен партнер не го вратил вашето дете или се заканува дека ќе го однесе во странство.

Кога станува збор за кривичната постапка, тие не можат да ве застапуваат на суд ако сте се изјасниле за невин/а и вашиот случај е наведен за сослушување тој ден.

Сослушување е кога сведоците доаѓаат во судот да зборуваат за тоа што се случило, а судијата за прекршоци или судијата во повисок суд ги разгледува аргументите на двајцата адвокати.

Ако ви треба помош или сакате некој да ве застапува на сослушување, треба да разговарате со адвокат од Legal Aid NSW или со адвокат кој пружа правна помош многу порано пред датумот на вашето сослушување. Можете да дознаете повеќе за ова на нашата веб-страница за правни совети.

Имаме адвокати по службена должност во сите локални судови во Нов Јужен Велс, на сите локации на судовите за семејно право кога судот заседава таму и во многу други судови и трибунали низ Нов Јужен Велс.

Можете да проверите дали помош е достапна на вашата локација на нашата веб-страница за помош во судовите и трибуналите во Нов Јужен Велс.

Да се видите со адвокат по службена должност и да добиете помош на конкретниот ден е бесплатно.

Ако продолжите да добивате помош, ќе треба да ги исполните условите за правна помош и ќе мора да платите придонес за трошоците за вашиот случај.

Износот што треба да го платите зависи од тоа колку заработувате и што поседувате.

При кривичните постапки не мора да ги исполнувате условите за правна помош ако адвокатот по службена должност ви дава само совети или ако тоа е вашето прво појавување пред судот и сте во притвор. Ако адвокатот по службена должност ве застапува на суд, генерално ќе треба да ги исполнувате условите за правна помош.

При случаи поврзани со семејното право, не мора да ги исполнувате условите за правна помош за да добиете помош од адвокат по службена должност или од службите за социјална поддршка во судот.

Правните зборови понекогаш се тешки за разбирање. Ако англискиот не ви е прв јазик или сакате да комуницирате на Auslan (австралиски знаковен јазик), можеби ќе сакате да имате усен преведувач да ви помогне на суд.

Во многу случаи судот ќе плати за усен преведувач, а вие треба да контактирате со нив за да обезбедат еден што е можно поскоро.

Ако судот одлучи дека е потребен усен преведувач, можеби ќе биде неопходно да се одложи предметот за подоцнежен датум.

Ако ви треба усен преведувач или друга помош за да нѐ контактирате, ве молиме погледнете ги опциите на нашата веб-страница Contact us (Контактирајте нѐ).

Кога доаѓате на суд треба:

  • да ја соберете и донесете целата документација што ја имате за вашиот случај - при кривичните случаи ова може да вклучува полициски информативни листови и писма за добар карактер, во случаи поврзани со семејното право ова може да вклучува копии од какви било налози и други судски документи, во граѓански спорови ова може да вклучува примероци од секакви писма или известувања за казни соодветни за вашиот правен случај
  • да пристигнете во судот или трибуналот еден час пред сослушувањето на вашиот случај - можеби ќе треба да почекате за да го видите адвокатот по службена должност
  • да се погрижите целиот ден да ви е слободен - некои судови ги наведуваат сите случаи во исто време, па можеби ќе треба да почекате неколку часа пред судот да го разгледа вашиот случај, ова треба да го проверите со судот
  • да го известите судот дали ви треба усен преведувач или друга помош, и
  • да донесете пријател или член на семејството за поддршка доколку сакате.

Ако сте загрижени за вашата безбедност на суд, треба да го контактирате судот пред датумот на вашето судење за да разговарате за тоа што ве загрижува, да разговарате со лицата од обезбедувањето кога ќе влезете во зградата на судот или да ги користите деталите на нашата веб-страница Contact us за да разговарате со нас пред да одите на суд.

Адвокатот по службена должност можеби нема да може да го заврши вашиот случај на денот кога ќе се појавите на суд. Ако вашиот случај е покомплициран, адвокатот по службена должност може да ви помогне да побарате одложување вашиот случај да биде одложен за подоцнежен датум) за да имате можност да добиете правен совет или застапување.

Ако ви треба повеќе правна помош, адвокатите по службена должност од Legal Aid NSW можеби ќе можат да продолжат да ви помагаат да поднесете барање за правна помош за адвокат да го води вашиот случај. Можете да прочитате повеќе на нашата веб-страница Apply for legal aid (Поднесување на барање за правна помош). Можеби ќе можеме да ве упатиме и до други служби што можат да помогнат.

Абориџините и луѓето од островите во теснецот Торес можат да добијат помош во судот од адвокати по службена должност на Legal Aid NSW или адвокати од Правна служба за Аборџини (Нов Јужен Велс/Територија на австралискиот главен град).

Ако сте помлади од 18 години и ви треба помош на суд, јавете се на директната телефонска линија за млади на 1800 10 18 10.

Директната телефонска линија е отворена од 9 часот наутро до полноќ во работните денови, со 24-часовна услуга од петок 9 часот наутро до недела на полноќ, како и на државни празници.

Службите за застапување на суд на жени жртви на домашно насилство им помагаат на жените и децата кои се жртви на домашно насилство во многу локални судови низ Нов Јужен Велс.

Работниците за поддршка и за жени и за мажи од Службите за застапување и поддршка на семејства се достапни за да им помогнат на семејствата погодени од домашно насилство во судовите за семејно право.

Младинските работници од Програмата за помош во судовите за деца им помагаат на младите кои се појавуваат пред Судот за деца.